Thursday, April 16, 2020

Анте Поповски


АНТЕ ПОПОВСКИ (1931 - 2003)

Анте Поповски е, без сомнение, поет кој во нашата литература ги напиша стиховите со најубава родољубива содржина. Исто така, тој е автор кој со есејот отвори ширум порти за влез во неразораната целина на нашата духовна и историска самооценка (Гане Тодоровски). Неговото присуство и реч на значајни културни настани беа неодминливи. Речиси и да немаше претставување на повредна книга или публикација, а на која како промотор да не беше Анте, или за која тој да немаше напишано свој осврт, рецензија или слично. Неуморно ги истражуваше делата и записите на странски историчари и картографи кои се однесуваат на нашата татковина.
Анте Поповски е роден во Лазарополе. Образованието го продолжил во Битола. Завршил медицина во Скопје, но како лекар работел сосема кусо време, за да ѝ се посвети целосно на литературата. Како плод на неговата посветеност на пишаниот збор, се десетината збирки песни, поголем број есеистички и

публицистички прилози објавени во неколку книги, како и препеви на песни од повеќе јазици.
Анте Поповски исто така е преведуван на повеќе светски јазици. Ја составил Антологијата на јидиш поезијата (Светата земја на зборот), како и на Орфеј и Исус - библиски мотиви во современата македонска поезија. Добитник е на повеќе литературни награди и признанија (Браќа Миладиновци (1964, 1995), 11 Октомври, Кочо Рацин, Гоцева повелба, Ацо Шопов), како и на меѓународна награда за најдобра песна Premio Europa.
Покрај литературната дејност академик Анте Поповски вршел и повеќе општествени и раководни функции (директор на НИП Нова Македонија, на Вардар филм, член на Извршниот совет (Владата) на СРМ, на два пати претседател на Друштвото на писателите на Македонија, на Советот на Струшките вечери на поезијата, претседател на Движењето за семакедонска акција - МААК...).
Првата поетска објава на Анте Поповски е збирката песни Одблесоци (1953).

По застој од неколку години (по период на преиспитување и созревање), ги објавува следниве збирки: Вардар (1958), Самуил (1963), Непокор (1963), Камена (1972), Тајнопис (1975), Љубопис (1980), Родопис (1981), Сина птица (1984), Ненасловена (1988), Провиденија (1995), Света песна (2001, тестаментална поема во 22 пеења и над 9000 стихови). Постхумно се издадени збирките Две тишини (2004), Коска Паленица и Пророчки труби. Според Санде Стојчевски „неговото поетско писмо се движи во просторот меѓу стравот и надежта”.
Не може да се одмине придонесот на Анте како есеист, публицист, па дури (не е воопшто претерано) и како мислител. Автор е на повеќе есеи, литературни огледи и критики објавени одделно или како посебни книги: Глас од дамнина (1986), Оковано време (1991), Меѓу животот и знаците (1991), Окото, светлините (1996), постхумно Развеано евангелие (дополнето издание на Глас од дамнина, со нови прилози, 2009).
Според Гане Тодоровски во рамките на МАНУ останува да се подготви репрезентативен избор од есеите на Анте Поповски.

Љубовта на поетот кон својот народ и земја е бескрајна и неразделна. На едно место ќе каже Се прегрнавме и нема разделување. Таа љубов извира од непокорот која како етичка вредност ја негувал нашиот народ, без оглед на сите трагедии што ги поднесувал. Во поемата Вардар ќе рече:
Дојдете вие плеќести црни мажи
деца и неба и времиња
-по коритото на оваа река
да потече и вашата судбина
на местото на овој мост
извишен над вашето небидие
да си прочитате:
векувајте со мене!Поезијата на Анте Поповски е модерна, родољубието е со универзални пораки до човештвото. Историските настани и ликови од нашето минато се само симболи за да се истакне непокорот на човекот кон неправдите.

Времиња
никојпат не ве напуштил,
никојпат не ќе пресуши
нашиов вруток - Непокор.
Поетскиот јазик на Анте Поповски е оригинален, преку употреба на згуснати, понекогаш елептични зборови:
Воѓе, бели воѓе
кај црна црните
кого барате?Мошне илустративна за поетовото толкување на смислата на животот се и песните од збирката Сина птица. Во нив преку употреба на сугестивни јазични средства ги објаснува современите пулсирања на животот и светот.
Знаците истетовирани врз карпите,
стопени со времето,
втиснати во сеќавањето на народот
– сега се свети знаци низ кои струи
и крвта и тајната на македонскиот збор:
изгорени гласови, неоли,
крвави засеци на ножот
осенчени со крик на големи погибии...
татковина – свето и непрочитано писмо.Во една од неговите последни песни (од Две тишини) ќе прочитаме:
 Ене го долу, меѓу два брега
во тишината меѓу два збора,
топло семе на својот јазик,
потпрен на својата сенка
чека ништо и – никого.Поетското наследство на Анте Поповски и неговиот однос кон јазикот, уште долго ќе зрачат со љубовта кон родната земја и ќе бидат предмет на нашето преиспитување за неговата големина.

Цитат за овој час: Ние мислевме дека ни врви времето, но тоа ни врвел животот. Анте Поповски

Wednesday, April 15, 2020

Гане Тодоровски видео


Гане Тодоровски - текст



ГАНЕ ТОДОРОВСКИ (1929 - 2010)
Гане Тодоровски е, по многу нешта, исклучителна личност во македонската литературна и културна историја. По она што го остави зад себе, неговиот придонес далеку ги надминува рамките на родната земја, заземајќи доминантни позиции на балканските простори, ако не и пошироко.
Гане Тодоровски е роден во Скопје. Дипломирал и докторирал на Филозофскиот факултет во Скопје, каде што долги години работел како професор. Бил на чело на повеќе асоцијации, меѓу другото, претседател на Советот на Струшките вечери на поезијата, и на двапати претседател на Друштвото на писателите на Македонија. Со настапувањето на политичкиот плурализам во Македонија, со поетот Анте Поповски ја основаа првата политичка организација - Движењето за семакедонска акција-МААК, и беше прв нејзин претседател. Подоцна ќе замине како амбасадор на земјава во Руската федерација (1997).
Својот работен век го започнал како новинар во повеќе редакции, за подоцна целосно да се посвети на литературната и научната дејност, создавајќи импозантен опус на оригинални творби (12 стихозбирки) и на преведени дела (во три тома), како и на голем број литературни записи, есеи, критики и сл. (во пет тома од Избраните дела). Истовремено, Гане Тодоровски активно учествувал во уредувањето повеќе литературни списанија (Современост, Разгледи, Културен живот и др.).
Не е без значење ангажманот на Гане (така го викаа сите!) во составувањето на повеќе антологии (на словенечката, хрватската, австриската поезија, на албанските поети од некогашната Југославија...) сам или во коавторство со други.
За својата неуморна работа академик Гане Тодоровски беше удостоен со повеќе литературни и државни награди и признанија (Браќа Миладиновци, Климент Охридски, 11 Октомври, 23 Октомври...) и награди за преведувачка дејност (Григор Прличев, Кирил Пејчиновиќ, Златно перо).
Гане Тодоровски го почнува литературниот потход со збирката песни Во утрините (1951), која, иако не донесува нешто ново (тематски е посветена на обновата и изградбата на татковината), сепак го најавува авторот како поет со особена лирска сензибилност. Веќе со следните збирки: Тревожни звуци (1953) Спокоен чекор (1956) и Божилак (1960), Гане разоткрива нови тематски простори блиски до секојдневниот живот. Создава специфичен јазик со многу неологизми, трага по нови форми за да ја прикаже социјалната судбина на човекот и да ги одгатне неговите морални дилеми.
Во следните петнаесетина години, за кои критичарите велат дека е втората фаза во творештвото, Гане ги објавува збирките Апотеоза на делникот (1964), Горчливи капки непремолк (1970), Снеубавен ден (1974), и Скопјани (1981). Ја опишува урбаната средина, со иронија зборува за пустошењата на селата (Фуснота без повод), се навраќа на личности и настани од нашето минато (Крсте Мисирков по 1903-та година, 4 мај 1903).
Речиси шестдецениското присуство во нашата литература Гане го заокружува со уште неколку збирки поезија: Неволици, неверици, несоници (1987), Недостижна (1995), Осамен патник (поезија на англиски, 1996) Горди акорди (2009) која е компилација од сите негови збирки, но содржи и повеќе песни кои се настанати 2006-2009 год. и кои за првпат се објавени. Збирката содржи 80 песни. Со неа се одбележа 80-годишниот животен јубилеј. Последната негова објава е книгата Токму така (2010).
Гане Тодоровски е исто толку значаен и како литературен историчар, есеист и критичар. Автор е на десетина книги литературни записи (од Претходниците на Мисирков - 1968, до Книга наша сиреч славјанска - 1989). Тие осветлуваат значајни поглавја и личности од нашата културна историја. Без неговиот придонес што го сочинуваат над 230 одделни публикации (до овој момент!) сигурно е дека нашата историја и нашата литература би биле многу посиромашни.
Гане Тодоровски остави зад себе повеќе песни кои се неодминливи во секоја антологија на современата македонска поезија. Една од тие творби е песната Седум навраќања на мотивот трепетлика, застапена во збирката Спокоен чекор. Постојаното треперење на трепетликата (јасиката, лат. populus tremula) ќе го инспирира поетот да пее за неспокојот и немирот на кои е осудена, осамена среде плодното поле. Низ седумте строфи е предадена нејзината судбина сама да вишнее, да им заблазнува за рожбите на птиците, кои гнезда во неа свиле, а самата таа е неротка.
Им се заблазува на птиците
гнезда што свиле во неа,
на сонот, рожбите, починката им заблазува.
Несонка, Неротка. Зелена неспокојничка.
Особено се впечатливи зборовите со кои поетот ја именува трепетликата: лична сретполка, несонка, немирлика,
плашливка, неродна полска висотија...Не помалку се интересни метафорите и епитетите:
Ставата ѝ е зеленило пеперуги
пленети вечно во вишна вертикала
или:
Таа е лична средполка,
сред поле сон прегладнета.
Гане Тодоровски зад себе остави и песни со родољубив набој (Нерези, Нашинска) во кои трагичните настани од минатото се предадени за да не се оттргнат од заборавот. Токму манастирот (Нерези), нем сведок на такви настани, е симбол на победата над премрежјата и заборавот.
Без малку и да нема област од животот во која не навлегол немирниот поетски дух на Гане. Неговата поезија води постојан дијалог со секојдневните работи и најчесто е со непомирлив однос кон сите деградирања и неправди на кои е изложен обичниот човек.
Некои од песните напишани во доцните шеесетти години со својата содржина се актуелни и денес (Фуснота без повод, Делнично будење на градот). Во некои има мешање на љубовта и омразата, на меланхоличното и гневното, многу често испомешано со ироничното. Има песни во кои на специфичен начин ја опишува убавината на жената, притоа користејќи ги изразните можности и лексичкото богатство на нашиот јазик (Песни за жената). А што е уште поважно создава и пресоздава нови зборовни форми и значења кои се веќе одомаќени во нашиот јазик. Негова е крилатицата
Колку сме, толку сме, токму сме!
Цитат за овој час: Слушате ли политичари? Слушате ли, обични луѓе? Слушате ли, наставници што ќе го предавате и натаму Ганета по гимназиумите и реформираните средни школи? Погледнете на небото: едно соѕвездие нема. На него уште долго ќе го гледаме отсуството на ѕвездите што го сочинуваа. Во тоа е утехата, ако утеха не е само обичен збор, како и животот.
 26. 05. 2010  Венко Андоновски

Saturday, April 4, 2020

Monday, April 27, 2015

Осветени возобновените конаци на Бигорскиот манастир Свети Јован Крстител

Со торжествено славење и во присуство на многуилјаден народ од сите делови на Македонија беа осветени возобновените конаци на Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“. Чинот на осветувањето го изврши Архиепископот Македонски и Охридски г.г. Стефан, во сослужение на надлежниот Митрополит г. Тимотеј и други митрополити и Архимандритот Партениј, игумен на Бигорската општежителна обител.
На корисна површина од 7600 м2, колку што зафаќаат возобновените Источен и Горни Палат, распоредени се педесетина монашки ќелии, магерницата, големата трпезарија, галеријата со икони, подрумските простории, великиот и малиот синодикон, архондарик, манастирската амбуланта, прекрасната книгохранителница, манастирската кула и други функционални простории... 

На осветувањето му претходеше Утрена Богослужба а потоа и Света архиерејска Златоустова Литургија.

На крајот на Литургијата причесна за најмалите христијани:


На крајот од прославата на заслужни граѓани, институции и на фирми кои придонеле за возобнувување на Манастирот им беа доделени одликувања и признанија:


Повеќе за овој несекојдневен настан можете да прочитате на:
http://www.bigorski.org.mk/index.php?content_type=sluzhbi_bdenija&action=details&record_id=1738

Од таму се преземени сликите и дел од текстот; мое беше само присуството на овој чин и радоста што сакам да ја споделам со вас.
Голема благодарност до Струмичката епархија и Црквата „Св. Петнаесет тивериополски свештеномаченици со чија помош над стотина бевме свидетели на овој настан што ќе влезе во Историјата на Македонската православна црква и во Историјата на македонскиот народ. 

Monday, April 20, 2015

Преглед на развитокот на гласовниот систем во македонскиот јазик

Во текот на својот развој гласовниот систем на нашиот јазик минал низ повеќе периоди во кои настанале сериозни промени во неговата структура. Стариот гласовен систем бил посложен, како во поглед на согласките и самогласките, така и во поглед на гласовните промени (постоеле повеќе видови палатализации, јотување и сл.).
Стариот јазик познавал 11 самогласки (а, е, и, о, у, ѫ, ѧ, ѣ, ь, ъ, ы) кои се разликувале според: 1. Местото на образувањето (вокали од преден и вокали од заден ред); 2. Висината на изговорот (со пет степени на изговор, од највисоки до најниски вокали); 3. Должината на изговорот на вокалите: (тие биле долги (а, и, у, ѫ, ѧ, ѣ, ы), кратки вокали, (е, о) и редуцирани (еровите ь, ъ).
Сите слогови биле отворени – завршувале на вокал: тьмница, сънъ, дьнь. (Спореди во современиот јапонски: Јасунари Кавабата, Кавасаки, Хокаидо).
Во развојот на вокалниот систем на старословенскиот (старомакедонскиот) јазик одбележуваме три фази:
Во првата фаза (10. -11. век) еровите во т.н. слаба позиција се губеле: тьмница, додека во т.н. јака позиција станувале е, односно о: дьнь→ден сънъ→сон).Токму губењето на еровите била причина да се растрои структурата на отворени слогови.
Во втората фаза (12. – 13. век) се губи носниот изговор на ѧ и ѫ и ѣ поминале во е, односно во а, додека ы поминува во и; пѧт- пет; рѫка - рака, рыба - риба.
Во третата фаза (15. – 16. век) се губи широкиот изговор на ѣ и тоа поминува во е: млѣко – млеко.
По овие и некои други промени (губењето на вокалното л), се востановил современиот изглед на вокалниот систем составен од петте самогласки: а, е, и, о, у.
Консонантскиот систем на нашиот стар јазик исто така имал сложена градба. Покрај поделбата по место на образување, по начинот на образување и по звучност, согласките се разликувале (и образувале парови) и според мекоста. Постоеле меки и тврди согласки.
Со помош на некои гласовни промени (палатализации) одредени тврди согласки (к, г, х) поминувале во сродни меки (ч, ж, ш, односно ц, ѕ, с). Спореди: јунак-јуначе-јунаци; бог-боже-боѕи; дух-душа-дуси).
Кога системот на меки и тврди согласки почнал да се растројува, започнало затврдувањето на меките согласки која е важна особеност на современиот гласовен систем на нашиот јазик. Како нова фонема се појавила џ, а се изгубила щ (шт).

Поука за овој час: Не прави зло, и зло нема да те постигне,
бегај од неправдата и неправдата ќе избега од тебе. 7. 1. 2

Преглед на промените во граматичкиот систем на македонскиот јазик

Во развојот на граматичкиот систем на нашиот јазик исто така се одиграле промени кои во основа ја промениле неговата структура. Со губењето на деклинацијата (падежните форми) и појавата на членот (под влијание на балканските несловенски јазици), нашиот јазик од синтетички тип поминал во јазик од аналитички тип.
Во стариот јазик односите меѓу деловите на реченицата се искажувале со падежи (постоеле седум на број). Во современиот јазик остатоци од падежите наоѓаме кај формите на личните заменки (јас, мене ме, мене ми и сл. кои ги користиме за означување на директен и индиректен предмет), и во формите за повикување кај именките (Марија, Маријо!).
Во  системот на именките постоеле повеќе основи (со тврда и мека промена). Кај придавките постоела проста и сложена промена (добра и добрая). Системот на заменки исто така бил разгранет со мноштво форми.
Од постпозитивната употреба на показната заменка тъ, та, то, подоцна ќе настане членот: рабътъ, жената, детето. Особено бил раширен системот на глаголските форми. Постоеле инфинитив (гледати) и супин (идѫ ловитъ рыби). Постоеле пет вида партиципи кои се менувале по падежи, од кои денес останале глаголската придавка на  -н, -на, -но, -ни;  и  -т, -та, -то, -ти; глаголскиот прилог на јќи, и глаголската л-форма, која се користи за образување на повеќе глаголски форми.
Од трите видови аорист (прв и втор сигматски и асигматски), во современиот јазик останал само еден во кој има форми од трите. Се чува и имперфектот.
Се појавиле и нови глаголски конструкции образувани со помошните глаголи сум и има (сум дојден, бев дојден; имам носено, сме имале носено).

Поука за овој час:  Од гревот бегај како од змија
ако му се приближиш, тој ќе те касне.  21. 2

Sunday, April 19, 2015

Успешен настап на СОУ „Никола Карев“ на Образовното рандеву 2015

На годинешното 10-то јубилејно издание на Образовното рандеву познато уште и како МАССУМ, а кое се одржа во Велес настапија и околу 40 тина наши ученици во повеќе категории и постигнаа забележителни резултати. Во категоријата Модна ревија ја освоија Првата награда. Со Прва награда се стекнаа и во категоријата Најдобро уреден штанд. Втори награди беа осбоени во дисциплините Кариерно портфолио и во Интервју за работа на англиски јазик. И во другите области настапот на нашите ученици беше забележителен.


Честитајќи им го успехот на учениците, честитки упатуваме и до нивните професори-ментори со кои повеќе месеци се подготвуваа за ова натпреварување.

Од настапот на Модната ревија

 
Штандот беше на тема Eco friendly повторна употреба на пластика



Friday, April 17, 2015

И фудбалерите од Никола Карев - државни прваци

На штотуку одржаното државно првенство во фудбал за средните училишта,  младите фудбалери од нашето училиште го освоија првото место и победничкиот пехар.
На патот до финалето беше совладана екипата на СОУ „Коле Нехтенин“ од Штип со 4:1, а во борбата за првото место беше поразена и екипата на Средното фискултурно училиште „Методија Митевски-Брицо од Скопје со резултат 2:1


 Заслужни за успехот покрај учениците се и нивните професори од Активот по Спорт и спортски активности и посебно одговорниот за Фудбалската екипа Митко Алачки.

Дел од Активот професори по Спорт и спортски активности

Friday, March 13, 2015

Одбојкарите од нашето училиште - државни прваци

На неодамна одржаното Државно првенство во одбојка за средните училишта, екипата на СОУ Никола Карев - Струмица го освои првото место во конкуренција на најдобрите тимови од претходно одиграните регионални натпревари.
Честитки заслужуваат учениците, но и нивните професори по Спорт и спортски активности, и посебно тренерот на одбојкарите, проф. Илија Јанков

Tuesday, February 24, 2015

Каревјанци на победничкиот пиедестал

На годинешниов Струмички карневал на кој со карневалски маски се претставија над 3000 учесници, во категоријата Групна маска со 50 и повеќе лица, маската од нашето училиште со наслов Каревјанци го поделија првото место со другите две училишта од Струмица. Ова е четврта година по ред во која учениците од СОУ Никола Карев и се радуваат на успехот заедно со своите професори - ментори.

Настап на плоштадот „Гоце Делчев“


Поглед од подалеку


Учениците со професорите - ментори по една од последните проби во спортската сала

Интересно е да се каже дека целосната изработка на маските е дело на учениците од текстилната струка и занимањето Техничар за дизајн на облека, и се направени во сопствената работилница.

Покрај Дипломата за освоеното Прво место, нашето Училиште беше удостоено со Благодарница за редовно учество во текот на изминативе 25 години на возобновениот Струмички карневал.


Monday, May 12, 2014

Одбележан Патрониот празник на училиштето

Со повеќе активности беше одбележан Патрониот празник на Училиштето „Никола Карев“ - Струмица. Покрај полагањето свежо цвеќе на споменикот на Патронот
беше промовирана најновата стихозбирка на Литературната секција под наслов Љубов во моето срце 
Во чест на Празникот на Училиштето исто така беше објавена електронската верзија на стихозбирката на овие страници: http://www.slideshare.net/trajce и на http://issuu.com/trajce

Friday, March 2, 2012

Прва награда за Царството на пауните

На неодамна одржаниот Струмички карневал - 2012, првата награда во најценетата категорија, маски со над 50 учесници, ја освоија учениците од нашето училиште - Никола Карев за маската Царството на пауните. Оваа награда е уште една во низата што ги добива училиштето на полето на воннаставните активности. Повеќе на http://www.facebook.com/photo.php?fbid=3141737855781&set=a.3141592492147.2144867.1034975151&type=3&theater како и на http://www.facebook.com/media/set/?set=a.3070160947057.2134640.1054618197&type=3

Tuesday, January 10, 2012

Срамно и недостојно

Некој под моето име и фотографија, на почетната страница, под Струмица и Macedonia допишал fyrom. Не можам да поверувам дека Google допушта некој во неговите редови да работи против начелото за почитување на приватноста и личниот интегритет на поединецот и да му ја допишува татковината со референца која служи за пазарење и договарање на политичари. 

Tuesday, November 22, 2011

Отворен Центар за креирање кариера

Во просториите на СОУ „Никола Карев“ - Струмица со помош на УСАИД е отворен Центар за креирање кариера кој е дел од пет годишниот проект „Младинска мрежа за стекнување на вештини за вработување" на УСАИД. Пред присутните гости, ученици од нашето училиште ги презентираа можностите на Проектот кој пред се е наменет за учениците од завршните години на средното стручно образование, кои нема да го продолжат образованието, како и за други млади луѓе пријавени во Агенцијата за вработување. Во културниот дел на програмата стихови од својата збирка Темел на судбината прочита ученичката Марина Ристова. Беше изведен и краток етно-музички перформанс. Во рамките на промоцијата на поголем број професори вклучени во Проектот им беа доделени признанија. На симболичен начин Центарот во функција го пуштија Слободан Вета, директор на Училиштето, Зоран Заев, градоначалник и Роберт Вурц, директор на Мисијата на УСАИД во Македонија.

Thursday, May 5, 2011

До Министерството за информатичко општество

Обраќањето е повеќе наменето за Министерството за образование и наука. Но со оглед дека рубриката Прашај го Министерството подолго време не работи (во дефект е), се обраќам до Вас, оти на извесен начин е поврзана со информатичката технологија.
1. Добро е тоа што во Министерството се води грижа да бидат блокирани сајтови со неприлична содржина, но таа е неселективна. Што е уште понесфатливо сајтови како Dropbox и Scribd се блокирани. Верувам дека тоа е ненамерна грешка, во спротивно би било елементарно непознавање (првиот служи за складирање на документи кои потоа може да се обработуваат од кој било компјутер, на вториот има многу материјали кои наставниците можат да ги користат). Едно време дури беше блокиран и slideshare (и мојата сметка slideshare.net/trajce) на која се објавени материјали по македонски јазик и литература.
2. Се размислува ли за инсталирање на понова верзија на Edubuntu. Тековната веќе е толку застарена што не може да прикажува некои опции од pdf. Фајлови, да речеме, од Adobe reader 10. и сл.
3. Во врска со македонските фонтови, тие не се лоши, симпатични се, меѓутоа треба да бидат проширени со повеќе интерпункциски и други знаци и симболи. Во спротивно ќе ги користат ограничен број луѓе. Токму од тие причини ја користам tahoma. за моите презентации во Softmaker office 2010, одлична и евтина алтернатива на MS Office.
Со почит:
Трајан Божинов,
професор, Струмица

Thursday, April 28, 2011

Промовирана нова стихозбирка

Со полагање свежо цвеќе на споменикот на Никола Карев и со други пригодни манифестации беше одбележан патрониот празник на Средното општинско училиште Никола Карев - Струмица. Во рамките на свеченостите беше промовирана стихозбирката Низ лавиринтот на љубовта - заедничко дело на членовите на Литературната секција. Пред присутните наставници и други гости за книгата со пригодни зборови се обратија Трајан Божинов и Софија Давчева, а беа прочитани и повеќе песни од страна на млади литерати.

Sunday, May 30, 2010

Makedonski jazik i literatura II godina

 Овој е линкот до новото и дополнето издание на презентациите по Македонски јазик и литература за втора година на средното стручно четиригодишно образование. Ги очекувам вашите забелешки и мислења.
http://issuu.com/trajce/docs/makedonski_jazik_i_literatura_ii_godina

македонски јазик и литература III година


Презентациите кои се ажурирани заедно со тие за втора и четврта година можете да видите на еден од долните линкови:

Лектири за втора година

  • по избор
  • Декамерон
  • Скендербег
  • Франце Прешерн Сонетен венец
  • Македонски народни приказни