Monday, April 27, 2015

Осветени возобновените конаци на Бигорскиот манастир Свети Јован Крстител

Со торжествено славење и во присуство на многуилјаден народ од сите делови на Македонија беа осветени возобновените конаци на Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“. Чинот на осветувањето го изврши Архиепископот Македонски и Охридски г.г. Стефан, во сослужение на надлежниот Митрополит г. Тимотеј и други митрополити и Архимандритот Партениј, игумен на Бигорската општежителна обител.
На корисна површина од 7600 м2, колку што зафаќаат возобновените Источен и Горни Палат, распоредени се педесетина монашки ќелии, магерницата, големата трпезарија, галеријата со икони, подрумските простории, великиот и малиот синодикон, архондарик, манастирската амбуланта, прекрасната книгохранителница, манастирската кула и други функционални простории... 

На осветувањето му претходеше Утрена Богослужба а потоа и Света архиерејска Златоустова Литургија.

На крајот на Литургијата причесна за најмалите христијани:


На крајот од прославата на заслужни граѓани, институции и на фирми кои придонеле за возобнувување на Манастирот им беа доделени одликувања и признанија:


Повеќе за овој несекојдневен настан можете да прочитате на:
http://www.bigorski.org.mk/index.php?content_type=sluzhbi_bdenija&action=details&record_id=1738

Од таму се преземени сликите и дел од текстот; мое беше само присуството на овој чин и радоста што сакам да ја споделам со вас.
Голема благодарност до Струмичката епархија и Црквата „Св. Петнаесет тивериополски свештеномаченици со чија помош над стотина бевме свидетели на овој настан што ќе влезе во Историјата на Македонската православна црква и во Историјата на македонскиот народ. 

Monday, April 20, 2015

Преглед на развитокот на гласовниот систем во македонскиот јазик

Во текот на својот развој гласовниот систем на нашиот јазик минал низ повеќе периоди во кои настанале сериозни промени во неговата структура. Стариот гласовен систем бил посложен, како во поглед на согласките и самогласките, така и во поглед на гласовните промени (постоеле повеќе видови палатализации, јотување и сл.).
Стариот јазик познавал 11 самогласки (а, е, и, о, у, ѫ, ѧ, ѣ, ь, ъ, ы) кои се разликувале според: 1. Местото на образувањето (вокали од преден и вокали од заден ред); 2. Висината на изговорот (со пет степени на изговор, од највисоки до најниски вокали); 3. Должината на изговорот на вокалите: (тие биле долги (а, и, у, ѫ, ѧ, ѣ, ы), кратки вокали, (е, о) и редуцирани (еровите ь, ъ).
Сите слогови биле отворени – завршувале на вокал: тьмница, сънъ, дьнь. (Спореди во современиот јапонски: Јасунари Кавабата, Кавасаки, Хокаидо).
Во развојот на вокалниот систем на старословенскиот (старомакедонскиот) јазик одбележуваме три фази:
Во првата фаза (10. -11. век) еровите во т.н. слаба позиција се губеле: тьмница, додека во т.н. јака позиција станувале е, односно о: дьнь→ден сънъ→сон).Токму губењето на еровите била причина да се растрои структурата на отворени слогови.
Во втората фаза (12. – 13. век) се губи носниот изговор на ѧ и ѫ и ѣ поминале во е, односно во а, додека ы поминува во и; пѧт- пет; рѫка - рака, рыба - риба.
Во третата фаза (15. – 16. век) се губи широкиот изговор на ѣ и тоа поминува во е: млѣко – млеко.
По овие и некои други промени (губењето на вокалното л), се востановил современиот изглед на вокалниот систем составен од петте самогласки: а, е, и, о, у.
Консонантскиот систем на нашиот стар јазик исто така имал сложена градба. Покрај поделбата по место на образување, по начинот на образување и по звучност, согласките се разликувале (и образувале парови) и според мекоста. Постоеле меки и тврди согласки.
Со помош на некои гласовни промени (палатализации) одредени тврди согласки (к, г, х) поминувале во сродни меки (ч, ж, ш, односно ц, ѕ, с). Спореди: јунак-јуначе-јунаци; бог-боже-боѕи; дух-душа-дуси).
Кога системот на меки и тврди согласки почнал да се растројува, започнало затврдувањето на меките согласки која е важна особеност на современиот гласовен систем на нашиот јазик. Како нова фонема се појавила џ, а се изгубила щ (шт).

Поука за овој час: Не прави зло, и зло нема да те постигне,
бегај од неправдата и неправдата ќе избега од тебе. 7. 1. 2

Преглед на промените во граматичкиот систем на македонскиот јазик

Во развојот на граматичкиот систем на нашиот јазик исто така се одиграле промени кои во основа ја промениле неговата структура. Со губењето на деклинацијата (падежните форми) и појавата на членот (под влијание на балканските несловенски јазици), нашиот јазик од синтетички тип поминал во јазик од аналитички тип.
Во стариот јазик односите меѓу деловите на реченицата се искажувале со падежи (постоеле седум на број). Во современиот јазик остатоци од падежите наоѓаме кај формите на личните заменки (јас, мене ме, мене ми и сл. кои ги користиме за означување на директен и индиректен предмет), и во формите за повикување кај именките (Марија, Маријо!).
Во  системот на именките постоеле повеќе основи (со тврда и мека промена). Кај придавките постоела проста и сложена промена (добра и добрая). Системот на заменки исто така бил разгранет со мноштво форми.
Од постпозитивната употреба на показната заменка тъ, та, то, подоцна ќе настане членот: рабътъ, жената, детето. Особено бил раширен системот на глаголските форми. Постоеле инфинитив (гледати) и супин (идѫ ловитъ рыби). Постоеле пет вида партиципи кои се менувале по падежи, од кои денес останале глаголската придавка на  -н, -на, -но, -ни;  и  -т, -та, -то, -ти; глаголскиот прилог на јќи, и глаголската л-форма, која се користи за образување на повеќе глаголски форми.
Од трите видови аорист (прв и втор сигматски и асигматски), во современиот јазик останал само еден во кој има форми од трите. Се чува и имперфектот.
Се појавиле и нови глаголски конструкции образувани со помошните глаголи сум и има (сум дојден, бев дојден; имам носено, сме имале носено).

Поука за овој час:  Од гревот бегај како од змија
ако му се приближиш, тој ќе те касне.  21. 2

Sunday, April 19, 2015

Успешен настап на СОУ „Никола Карев“ на Образовното рандеву 2015

На годинешното 10-то јубилејно издание на Образовното рандеву познато уште и како МАССУМ, а кое се одржа во Велес настапија и околу 40 тина наши ученици во повеќе категории и постигнаа забележителни резултати. Во категоријата Модна ревија ја освоија Првата награда. Со Прва награда се стекнаа и во категоријата Најдобро уреден штанд. Втори награди беа осбоени во дисциплините Кариерно портфолио и во Интервју за работа на англиски јазик. И во другите области настапот на нашите ученици беше забележителен.


Честитајќи им го успехот на учениците, честитки упатуваме и до нивните професори-ментори со кои повеќе месеци се подготвуваа за ова натпреварување.

Од настапот на Модната ревија

 
Штандот беше на тема Eco friendly повторна употреба на пластика



Friday, April 17, 2015

И фудбалерите од Никола Карев - државни прваци

На штотуку одржаното државно првенство во фудбал за средните училишта,  младите фудбалери од нашето училиште го освоија првото место и победничкиот пехар.
На патот до финалето беше совладана екипата на СОУ „Коле Нехтенин“ од Штип со 4:1, а во борбата за првото место беше поразена и екипата на Средното фискултурно училиште „Методија Митевски-Брицо од Скопје со резултат 2:1


 Заслужни за успехот покрај учениците се и нивните професори од Активот по Спорт и спортски активности и посебно одговорниот за Фудбалската екипа Митко Алачки.

Дел од Активот професори по Спорт и спортски активности

Лектири за втора година

  • по избор
  • Декамерон
  • Скендербег
  • Франце Прешерн Сонетен венец
  • Македонски народни приказни