Monday, April 20, 2015

Преглед на развитокот на гласовниот систем во македонскиот јазик

Во текот на својот развој гласовниот систем на нашиот јазик минал низ повеќе периоди во кои настанале сериозни промени во неговата структура. Стариот гласовен систем бил посложен, како во поглед на согласките и самогласките, така и во поглед на гласовните промени (постоеле повеќе видови палатализации, јотување и сл.).
Стариот јазик познавал 11 самогласки (а, е, и, о, у, ѫ, ѧ, ѣ, ь, ъ, ы) кои се разликувале според: 1. Местото на образувањето (вокали од преден и вокали од заден ред); 2. Висината на изговорот (со пет степени на изговор, од највисоки до најниски вокали); 3. Должината на изговорот на вокалите: (тие биле долги (а, и, у, ѫ, ѧ, ѣ, ы), кратки вокали, (е, о) и редуцирани (еровите ь, ъ).
Сите слогови биле отворени – завршувале на вокал: тьмница, сънъ, дьнь. (Спореди во современиот јапонски: Јасунари Кавабата, Кавасаки, Хокаидо).
Во развојот на вокалниот систем на старословенскиот (старомакедонскиот) јазик одбележуваме три фази:
Во првата фаза (10. -11. век) еровите во т.н. слаба позиција се губеле: тьмница, додека во т.н. јака позиција станувале е, односно о: дьнь→ден сънъ→сон).Токму губењето на еровите била причина да се растрои структурата на отворени слогови.
Во втората фаза (12. – 13. век) се губи носниот изговор на ѧ и ѫ и ѣ поминале во е, односно во а, додека ы поминува во и; пѧт- пет; рѫка - рака, рыба - риба.
Во третата фаза (15. – 16. век) се губи широкиот изговор на ѣ и тоа поминува во е: млѣко – млеко.
По овие и некои други промени (губењето на вокалното л), се востановил современиот изглед на вокалниот систем составен од петте самогласки: а, е, и, о, у.
Консонантскиот систем на нашиот стар јазик исто така имал сложена градба. Покрај поделбата по место на образување, по начинот на образување и по звучност, согласките се разликувале (и образувале парови) и според мекоста. Постоеле меки и тврди согласки.
Со помош на некои гласовни промени (палатализации) одредени тврди согласки (к, г, х) поминувале во сродни меки (ч, ж, ш, односно ц, ѕ, с). Спореди: јунак-јуначе-јунаци; бог-боже-боѕи; дух-душа-дуси).
Кога системот на меки и тврди согласки почнал да се растројува, започнало затврдувањето на меките согласки која е важна особеност на современиот гласовен систем на нашиот јазик. Како нова фонема се појавила џ, а се изгубила щ (шт).

Поука за овој час: Не прави зло, и зло нема да те постигне,
бегај од неправдата и неправдата ќе избега од тебе. 7. 1. 2

No comments:

Лектири за втора година

  • по избор
  • Декамерон
  • Скендербег
  • Франце Прешерн Сонетен венец
  • Македонски народни приказни