Wednesday, April 15, 2020

Гане Тодоровски - текст



ГАНЕ ТОДОРОВСКИ (1929 - 2010)
Гане Тодоровски е, по многу нешта, исклучителна личност во македонската литературна и културна историја. По она што го остави зад себе, неговиот придонес далеку ги надминува рамките на родната земја, заземајќи доминантни позиции на балканските простори, ако не и пошироко.
Гане Тодоровски е роден во Скопје. Дипломирал и докторирал на Филозофскиот факултет во Скопје, каде што долги години работел како професор. Бил на чело на повеќе асоцијации, меѓу другото, претседател на Советот на Струшките вечери на поезијата, и на двапати претседател на Друштвото на писателите на Македонија. Со настапувањето на политичкиот плурализам во Македонија, со поетот Анте Поповски ја основаа првата политичка организација - Движењето за семакедонска акција-МААК, и беше прв нејзин претседател. Подоцна ќе замине како амбасадор на земјава во Руската федерација (1997).
Својот работен век го започнал како новинар во повеќе редакции, за подоцна целосно да се посвети на литературната и научната дејност, создавајќи импозантен опус на оригинални творби (12 стихозбирки) и на преведени дела (во три тома), како и на голем број литературни записи, есеи, критики и сл. (во пет тома од Избраните дела). Истовремено, Гане Тодоровски активно учествувал во уредувањето повеќе литературни списанија (Современост, Разгледи, Културен живот и др.).
Не е без значење ангажманот на Гане (така го викаа сите!) во составувањето на повеќе антологии (на словенечката, хрватската, австриската поезија, на албанските поети од некогашната Југославија...) сам или во коавторство со други.
За својата неуморна работа академик Гане Тодоровски беше удостоен со повеќе литературни и државни награди и признанија (Браќа Миладиновци, Климент Охридски, 11 Октомври, 23 Октомври...) и награди за преведувачка дејност (Григор Прличев, Кирил Пејчиновиќ, Златно перо).
Гане Тодоровски го почнува литературниот потход со збирката песни Во утрините (1951), која, иако не донесува нешто ново (тематски е посветена на обновата и изградбата на татковината), сепак го најавува авторот како поет со особена лирска сензибилност. Веќе со следните збирки: Тревожни звуци (1953) Спокоен чекор (1956) и Божилак (1960), Гане разоткрива нови тематски простори блиски до секојдневниот живот. Создава специфичен јазик со многу неологизми, трага по нови форми за да ја прикаже социјалната судбина на човекот и да ги одгатне неговите морални дилеми.
Во следните петнаесетина години, за кои критичарите велат дека е втората фаза во творештвото, Гане ги објавува збирките Апотеоза на делникот (1964), Горчливи капки непремолк (1970), Снеубавен ден (1974), и Скопјани (1981). Ја опишува урбаната средина, со иронија зборува за пустошењата на селата (Фуснота без повод), се навраќа на личности и настани од нашето минато (Крсте Мисирков по 1903-та година, 4 мај 1903).
Речиси шестдецениското присуство во нашата литература Гане го заокружува со уште неколку збирки поезија: Неволици, неверици, несоници (1987), Недостижна (1995), Осамен патник (поезија на англиски, 1996) Горди акорди (2009) која е компилација од сите негови збирки, но содржи и повеќе песни кои се настанати 2006-2009 год. и кои за првпат се објавени. Збирката содржи 80 песни. Со неа се одбележа 80-годишниот животен јубилеј. Последната негова објава е книгата Токму така (2010).
Гане Тодоровски е исто толку значаен и како литературен историчар, есеист и критичар. Автор е на десетина книги литературни записи (од Претходниците на Мисирков - 1968, до Книга наша сиреч славјанска - 1989). Тие осветлуваат значајни поглавја и личности од нашата културна историја. Без неговиот придонес што го сочинуваат над 230 одделни публикации (до овој момент!) сигурно е дека нашата историја и нашата литература би биле многу посиромашни.
Гане Тодоровски остави зад себе повеќе песни кои се неодминливи во секоја антологија на современата македонска поезија. Една од тие творби е песната Седум навраќања на мотивот трепетлика, застапена во збирката Спокоен чекор. Постојаното треперење на трепетликата (јасиката, лат. populus tremula) ќе го инспирира поетот да пее за неспокојот и немирот на кои е осудена, осамена среде плодното поле. Низ седумте строфи е предадена нејзината судбина сама да вишнее, да им заблазнува за рожбите на птиците, кои гнезда во неа свиле, а самата таа е неротка.
Им се заблазува на птиците
гнезда што свиле во неа,
на сонот, рожбите, починката им заблазува.
Несонка, Неротка. Зелена неспокојничка.
Особено се впечатливи зборовите со кои поетот ја именува трепетликата: лична сретполка, несонка, немирлика,
плашливка, неродна полска висотија...Не помалку се интересни метафорите и епитетите:
Ставата ѝ е зеленило пеперуги
пленети вечно во вишна вертикала
или:
Таа е лична средполка,
сред поле сон прегладнета.
Гане Тодоровски зад себе остави и песни со родољубив набој (Нерези, Нашинска) во кои трагичните настани од минатото се предадени за да не се оттргнат од заборавот. Токму манастирот (Нерези), нем сведок на такви настани, е симбол на победата над премрежјата и заборавот.
Без малку и да нема област од животот во која не навлегол немирниот поетски дух на Гане. Неговата поезија води постојан дијалог со секојдневните работи и најчесто е со непомирлив однос кон сите деградирања и неправди на кои е изложен обичниот човек.
Некои од песните напишани во доцните шеесетти години со својата содржина се актуелни и денес (Фуснота без повод, Делнично будење на градот). Во некои има мешање на љубовта и омразата, на меланхоличното и гневното, многу често испомешано со ироничното. Има песни во кои на специфичен начин ја опишува убавината на жената, притоа користејќи ги изразните можности и лексичкото богатство на нашиот јазик (Песни за жената). А што е уште поважно создава и пресоздава нови зборовни форми и значења кои се веќе одомаќени во нашиот јазик. Негова е крилатицата
Колку сме, толку сме, токму сме!
Цитат за овој час: Слушате ли политичари? Слушате ли, обични луѓе? Слушате ли, наставници што ќе го предавате и натаму Ганета по гимназиумите и реформираните средни школи? Погледнете на небото: едно соѕвездие нема. На него уште долго ќе го гледаме отсуството на ѕвездите што го сочинуваа. Во тоа е утехата, ако утеха не е само обичен збор, како и животот.
 26. 05. 2010  Венко Андоновски

No comments:

Лектири за втора година

  • по избор
  • Декамерон
  • Скендербег
  • Франце Прешерн Сонетен венец
  • Македонски народни приказни