Wednesday, July 29, 2020

Македонски јазук и литература III година



Презентации на материјалот за трета година средно стручно образование. Во основа содржината останува иста, како во првото издание, променет е дизајнот и е прилагоден за користење на мобилните уреди.


Monday, July 27, 2020

Македонски јазик и литература iV godina


Содржината на презентациите останува иста, ажурирани се некои податоци кои се однесуваат на македонските автори. Променет е дизајнот и прилагоден за симнување на мобилни уреди


https://www.slideshare.net/trajce/makedonski-jazik-i-literatura-iv-godina-237299232

Thursday, April 30, 2020

Одбележан Патрониот Празник на Училиштето

Со скромни активности, поради познатите околности, беше одбележан 27 Април - Патронен Празник на Училиштето. Во присуство на повеќемина наставници и вработени беше положено свежо цвеќе на Споменикот на Никола Карев - патронот на нашето училиште.







Видеозапис за СОУ „Никола Карев“ - Струмица


Thursday, April 23, 2020

Стилистика


  •  

  • Стилистика

Презентација на наставен час
Од четврта година
Според програмата за средно стручно образование

Април, 2020                             Трајан Божинов



  • СТИЛИСТИКА
Стилистиката е научна дисциплина чиј предмет на проучување е стилот. Самиот поим стил е повеќезначен и се користи во јазикот, во литературата и другите гранки на уметноста, како и во речиси сите сфери на животот (модата, спортот, политиката). Во краен случај стилот е начин на однесување на секој човек како индивидуа (Стилот, тоа е самиот човек - Ж. Бифон).

Што се однесува до тој поим во јазикот и литературата, стилот можеме да го определиме како начин на изразување, како начин на пишување и зборување; уште како начин на употреба на јазичните и литературните изразни средства и сл.

Науката која се занимава со проучување на стилот во литературните дела се нарекува литературна стилистика, додека лингвостилистиката ги проучува јазичните средства во литературните дела. Во нивните рамки постојат повеќе подвидови и правци.
  • Меѓу нив се задржуваме на функционалната стилистика, која се занимава со проучување на функционалните стилови. Под функционален стил се подразбира начин на користење на јазикот во определени услови. Тука мислиме пред сѐ на областа во која се одвива општењето; дали тоа општење се јавува во писмена или говорена форма; дали карактерот на општењето е службен (официјален) или неслужбен и сл.
Иако понекогаш е тешко да се разграничи еден стил од друг, затоа што меѓу нив нема остра граница, сепак ги издвојуваме следниве функционални стилови: научен, административен, публицистички, уметничколитературен и разговорен.

1. Научниот стил се користи во науката, во образованието, како и за популаризација на научните достигнувања. Се дели на три потстилови: строгонаучен, научно-популарен и научно-учебнички. а. Строго научниот потстил се употребува при пишување на дела со научна содржина кои се наменети за специјалисти од одредени области.

При тој потстил се оперира со поими и факти кои не се секогаш, или малку се, разбирливи за пошироката читателска публика. Исто така многу често при формулацијата на некои докази и термини се цитираат (се пренесуваат) мислењата на други научници. Писмени форми (родови) преку кои се застапува овој потстил се: монографија, дисертација, реферат и сл.

 б. Научно-популарниот потстил ги има меѓу другите функции, и таа да ги запознава читателите со научните сознанија, на разбирлив начин, со едноставен јазик. Форми (родови) преку кои се пројавува се: книга, статија. Во последно време тој потстил е доминантен во научно-популарните серии на телевизија и на интернет.

в. Научно-учебнички потстил се користи при пишување на учебници, прирачници и сл. Научните сознанија и факти се предаваат за оние на кои им се наменети учебниците, на разбирлив начин (или дури забавен - за најмалите!).
Во врска со областите што се предмет на проучување науките ги делиме на хуманитарни (науката за јазикот, науката за литературата, историјата, филозофијата и сл.); природноматематички (математиката, физиката, хемијата и сл.) и технички науки (електротехниката, машинството, градежништво).

Што се однесува до лексиката која се користи во овој стил, таа во основа е општонародна, со висок степен на интернационализми (особено кај техничките науки), како и на зборови од апстрактната лексика. И во поглед на морфологија и синтаксата овој стил има свои особености што го разликува од другите стилови (засилена употреба на именките наспроти глаголите; зачестена употреба на безличните и пасивните реченици и сл.).

2. Административниот стил (канцелариски, официјално-деловен) зафаќа широко подрачје на употреба. Се користи во општењето меѓу државите, во институциите на една држава, како и во обраќањето на граѓаните до институциите во државата. Овој стил ги апсорбира исто така активностите и комуникацијата на разни организации и здруженија, како и на политички партии.

Особености на овој стил се одмереност, објективност и информативност. Користи востановени форми на изразување преку употреба на однапред изготвени формулари.

Потстилови на административниот стил се: дипломатскиот, законодавно-правниот, деловниот , личниот (персоналниот) и општествено-политичкиот потстил . Во зависност од тоа за кој потстил се работи, лексиката може повеќе или помалку да се разликува. Така, за дипломатскиот потстил се вобичаени зборови и изрази како: акредитација, протестна нота, аташе. Дури и се претпочитува оригиналната форма persona non grata (непожелна личност). Фрази и термини од интернационалната лексика се вообичаени и за законодавно-правниот потстил: предлог-резолуција, амандман. алинеја, параграф.

За деловниот и личниот потстил се својствени термини како молба, приговор, подносител (на барањето). Во поглед на морфологијата кај овој стил, употребата на именките е повообичаена за сметка на глаголите; и уште: за лицата од женски род кои вршат функции да се користи формата за машки род: директор, претседател, судија (но во разговорниот јазик – судијка).
Во областа на синтаксата се користат веќе востановени обрасци од типот на Врз основа на член ...од Законот за...; На барање на ... Заради потребата од точни и недвосмислени искази, во еден текст често има повторување на исти формулации. Тоа особено се однесува за законодавно-правниот потстил.

3. Публицистички стил . Овој стил ги зафаќа сите сфери на општествениот и политичкиот живот: образованието, науката, политиката, економијата културата и сл. Се јавува во пишувана (почесто) и во говорена форма (поретко).

Поука за овој час: Зборот дупка не дупнува, ама се паметува. Народна

Се реализира преку следниве медиуми: весниците, радиото, телевизијата и во последните години преку интернетот, кој пак, ги обединува другите медиуми. Од функциите што ги остварува овој стил најважна е информативната. Со неа се има за цел да им се пренесе информацијата на широкиот круг корисници, при што брзината на преносот е исто толку важна колку и самата информација.

Многу често преку новостите што се објавуваат се искажуваат и личните ставови на авторите, со кои се сака да се влијае на создавање на јавното мислење.
Кај овој стил може да разграничат два потстила: новинарски со кој најмногу се информира (преку вести, соопштенија, интервјуа); се анализира (преку уводници, коментари, полемики, критики; се забавува (преку додатоци за енигматика) и публицистички стил во потесна смисла, во кој се доминантни монографијата и фељтонот и преку кои се осветлуваат настани и личности од минатото и сл.

Иако во основата на овој стил (и на другите стилови) треба да биде литературниот (стандардниот) јазик, многу често се наидува на јазични пропусти и недоследности. Како олеснителна околност не може да се земе оправдувањето дека поради брзината со која треба да се соопшти веста, се заборава на јазикот, или пак, дека слободата на изразувањето вклучува и слобода на користење на јазичните средства.

4. Уметничколитературниот стил се негува во литературата која е една од гранките на уметноста. За овој стил е значајно тоа што преовладува естетската функција, за разлика од другите стилови, каде што е доминантна комуникативната функција. Уметничколитературниот стил се остварува низ трите родови (лирика, епика и драма), кои пак, во себе содржат по повеќе видови. За доловување на естетската функција авторот користи стилски фигури и тропи.

 Богатството на лексичкиот состав на јазикот најцелосно се одразува токму преку овој стил. Иако во основата на уметничколитературниот стил е стандардниот (литературниот) јазик, писателот по потреба посегнува по дијалектизми, архаизми и други нестандардни елементи за да наслика поуверливо некој лик или некоја средина. Понекогаш авторот прибегнува и кон создавање на нови зборови (неологизми), ако тие ги спазуваат нормите за зборообразување на јазикот.

5. Разговорниот стил има широка област на користење во секојдневниот живот и главно служи за комуникација. Со мали исклучоци, се користи говорената форма преку раскажување, дијалог, полилог. Во зависност од тоа кој општествен слој го користи, можеме да зборуваме за повеќе потстилови на разговорниот стил: разговорен потстил на ученици и студенти, разговорен потстил на затвореници, разговорен потстил на занаетчии и трговци и т.н.

Овој стил има повеќе особености како што се: економичност во изразувањето (како си?, каде?, пријатно!) при што се користат гестови и сл. за дополнување на исказот; непосредност и спонтаност кои се создаваат при самото општење како резултат на меѓусебните реакции на соговорниците; слобода во изразување при што почесто се користат зборови за искажување на емоционални состојби.

Во поглед на јазичните особености многу често има отстапување од литературната норма, како на фонетски и морфолошки план, така и во областа на лексиката: елизија на гласовите: глеам, ќ одиме и ќе ојме; користење на интонацијата за искажување на значење спротивно на она што би го очекувале: Многу му знае устата!; употреба на наставки нетипични за нормата: пивара, лебара филмаџија, зачестена употреба на сврзници заради поголема сликовитост и изразност; лексеми како мерак, шиткач, апаш, фразеологизми од типот на за сто мерака.
За овој стил и во областа на синтаксата се среќаваат типични конструкции: Слушај сега вака; Абе види тоа! Треба многу, што се вели, пот!

Поука за овој час: Зборот дури не го продумаш и преживаш добро, не збори го пред секого. Народна поговорка


Лектири за втора година

  • по избор
  • Декамерон
  • Скендербег
  • Франце Прешерн Сонетен венец
  • Македонски народни приказни