Thursday, April 16, 2020

Анте Поповски


АНТЕ ПОПОВСКИ (1931 - 2003)

Анте Поповски е, без сомнение, поет кој во нашата литература ги напиша стиховите со најубава родољубива содржина. Исто така, тој е автор кој со есејот отвори ширум порти за влез во неразораната целина на нашата духовна и историска самооценка (Гане Тодоровски). Неговото присуство и реч на значајни културни настани беа неодминливи. Речиси и да немаше претставување на повредна книга или публикација, а на која како промотор да не беше Анте, или за која тој да немаше напишано свој осврт, рецензија или слично. Неуморно ги истражуваше делата и записите на странски историчари и картографи кои се однесуваат на нашата татковина.
Анте Поповски е роден во Лазарополе. Образованието го продолжил во Битола. Завршил медицина во Скопје, но како лекар работел сосема кусо време, за да ѝ се посвети целосно на литературата. Како плод на неговата посветеност на пишаниот збор, се десетината збирки песни, поголем број есеистички и

публицистички прилози објавени во неколку книги, како и препеви на песни од повеќе јазици.
Анте Поповски исто така е преведуван на повеќе светски јазици. Ја составил Антологијата на јидиш поезијата (Светата земја на зборот), како и на Орфеј и Исус - библиски мотиви во современата македонска поезија. Добитник е на повеќе литературни награди и признанија (Браќа Миладиновци (1964, 1995), 11 Октомври, Кочо Рацин, Гоцева повелба, Ацо Шопов), како и на меѓународна награда за најдобра песна Premio Europa.
Покрај литературната дејност академик Анте Поповски вршел и повеќе општествени и раководни функции (директор на НИП Нова Македонија, на Вардар филм, член на Извршниот совет (Владата) на СРМ, на два пати претседател на Друштвото на писателите на Македонија, на Советот на Струшките вечери на поезијата, претседател на Движењето за семакедонска акција - МААК...).
Првата поетска објава на Анте Поповски е збирката песни Одблесоци (1953).

По застој од неколку години (по период на преиспитување и созревање), ги објавува следниве збирки: Вардар (1958), Самуил (1963), Непокор (1963), Камена (1972), Тајнопис (1975), Љубопис (1980), Родопис (1981), Сина птица (1984), Ненасловена (1988), Провиденија (1995), Света песна (2001, тестаментална поема во 22 пеења и над 9000 стихови). Постхумно се издадени збирките Две тишини (2004), Коска Паленица и Пророчки труби. Според Санде Стојчевски „неговото поетско писмо се движи во просторот меѓу стравот и надежта”.
Не може да се одмине придонесот на Анте како есеист, публицист, па дури (не е воопшто претерано) и како мислител. Автор е на повеќе есеи, литературни огледи и критики објавени одделно или како посебни книги: Глас од дамнина (1986), Оковано време (1991), Меѓу животот и знаците (1991), Окото, светлините (1996), постхумно Развеано евангелие (дополнето издание на Глас од дамнина, со нови прилози, 2009).
Според Гане Тодоровски во рамките на МАНУ останува да се подготви репрезентативен избор од есеите на Анте Поповски.

Љубовта на поетот кон својот народ и земја е бескрајна и неразделна. На едно место ќе каже Се прегрнавме и нема разделување. Таа љубов извира од непокорот која како етичка вредност ја негувал нашиот народ, без оглед на сите трагедии што ги поднесувал. Во поемата Вардар ќе рече:
Дојдете вие плеќести црни мажи
деца и неба и времиња
-по коритото на оваа река
да потече и вашата судбина
на местото на овој мост
извишен над вашето небидие
да си прочитате:
векувајте со мене!Поезијата на Анте Поповски е модерна, родољубието е со универзални пораки до човештвото. Историските настани и ликови од нашето минато се само симболи за да се истакне непокорот на човекот кон неправдите.

Времиња
никојпат не ве напуштил,
никојпат не ќе пресуши
нашиов вруток - Непокор.
Поетскиот јазик на Анте Поповски е оригинален, преку употреба на згуснати, понекогаш елептични зборови:
Воѓе, бели воѓе
кај црна црните
кого барате?Мошне илустративна за поетовото толкување на смислата на животот се и песните од збирката Сина птица. Во нив преку употреба на сугестивни јазични средства ги објаснува современите пулсирања на животот и светот.
Знаците истетовирани врз карпите,
стопени со времето,
втиснати во сеќавањето на народот
– сега се свети знаци низ кои струи
и крвта и тајната на македонскиот збор:
изгорени гласови, неоли,
крвави засеци на ножот
осенчени со крик на големи погибии...
татковина – свето и непрочитано писмо.Во една од неговите последни песни (од Две тишини) ќе прочитаме:
 Ене го долу, меѓу два брега
во тишината меѓу два збора,
топло семе на својот јазик,
потпрен на својата сенка
чека ништо и – никого.Поетското наследство на Анте Поповски и неговиот однос кон јазикот, уште долго ќе зрачат со љубовта кон родната земја и ќе бидат предмет на нашето преиспитување за неговата големина.

Цитат за овој час: Ние мислевме дека ни врви времето, но тоа ни врвел животот. Анте Поповски

No comments:

Лектири за втора година

  • по избор
  • Декамерон
  • Скендербег
  • Франце Прешерн Сонетен венец
  • Македонски народни приказни